Филигранот - љубов, занает, егзистенција -

Во Домот на занаетчиите во Старата скопска чаршија работи школа за филигран, чии членови се претежно млади невработени луѓе. Тајните на занаетот несебично им ги открива мајсторот Аднан Рамадани, кој филигранството го усовршувал во Фиренца. Повеќето ученици на школата веќе го продаваат својот уникатен накит, а наскоро на групна изложба тој ќе биде претставен и во некоја европска престолнина

 

Изработувањето филигран смирува, инспирира и поттикнува творечки дух

Филигранот, префинетиот занает за изработка на сребрен накит, кој традиционално со векови опстојува во Македонија, сигурно нема да замре, благодарение на ентузијазмот на педесетина млади луѓе што одлучија со совладувањето на оваа ретка вештина да заработуваат за живот.

Веќе шеста група заинтересирани и надарени момци и девојки, со дипломи од разни факултети, моментално без работа, поттикнати од народната поговорка „сé, сé, ама занает“, се обучуваат својата креативност да ја искажат со изработка на уникатен сребрен накит. Со голема упорност и трпение, мајсторот Аднан Рамадани својата дарба и знаење несебично им ја пренесува на своите љубопитни ученици, откривајќи им ги тајните на занаетот, во отстапените простории во Домот на занаетчиите во Старата скопска чаршија, каде што имаат на располагање и најсовремени машини за работа.

НЕСЕБИЧНИОТ МАЈСТОР АДНАН

И не минува многу време и под вештите прсти на членовите на оваа група од сребрените нишки со различна дебелина се создаваат пеперутки и цветови, сребрени белегзии, ѓердани, обетки и брошеви, прстени и други рачно изработени украсни предмети од овој благороден метал. Повеќето ученици веќе го продаваат својот уникатен накит, а наскоро на групна изложба тој ќе биде претставен и во некоја европска престолнина.

Истовремено, учејќи го традиционалниот филигран, сите во групата изработуваат и модерни форми на накит, кои, како што велат, подобро поминуваат кај младите купувачи.

Учителот, Аднан Рамадани, со овој занает се занимава веќе 20 години, а на доусовршување престојувал и во Фиренца, Италија, каде што учел од познати мајстори. Тој има свој дуќан во чаршијата и фирма „Филигран арт“, која има склучено договор со Домот на занаетчии за обука на курсисти. Ова е четврта група што ја обучува Рамадани, а курсот трае шест месеци. Претходно имало уште две групи, со кои работел друг мајстор. Обуката трае четири часа дневно, од 10 до 14 часот, од понеделник до петок, освен во сабота и во недела, а учениците плаќаат по 8.000 денари месечно. Можна е и дообука, со плаќање 2.500 денари, со можност за користење на алатите и просториите.

- Секој може да ја совлада техниката на изработка на традиционален филигран, потребни се само време и трпение - вели мајсторот Рамадани, кој своите ученици ги советува дека занаетот е важен исто колку и образованието, совет што и тој самиот го добил од татко му.

- Новата група е тука два месеци, а овие курсеви на посетителите им овозможуваат да се оспособат да изработуваат сребрен накит. Јас ги учам според традиционалната филигран-школа, а подоцна тие можат да се доградуваат и имаат креативна слобода - додава тој.

Огнена Поп Андонова, историчар на уметноста и археолог, обуката ја завршила лани, на 1 октомври, а сега доаѓа на дообука. Таа веќе го продава накитот што го изработува, а во изработките се труди да ја задржи традицијата, но исто така прави и посовремени форми.

- Оваа школа е единствена, не само во Скопје туку и во цела Македонија и драго ми е што повторно го врати интересот на младите луѓе за филигранството и што не дозволува овој занает да згасне кај нас. За да го работиш ова, пред сé, треба да имаш љубов и креативност, бидејќи ние не сме занаетчии, туку еден вид уметници. Јас се чувствувам исполнето и среќно кога работам. Тогаш се изолирам од сé и се пренесувам во светот на филигранот. Прво го осмислувам парчето накит и потоа чекор по чекор го негувам како дете, се врзувам со него и на крајот со тешко срце го продавам или подарувам. Сите парчиња се убави на свој начин, но мене специјалност ми се обетките и брошевите - вели Поп Андонова.

Александра Миовска, професор по македонски јазик, веќе четири месеци е дел од школата, а ја открила сосема случајно. Претходно изработувала накит од природни материјали - дрво, стакло, јаже...
- Задоволна сум од она што го научив од мајсторот, а натамошниот тек на усовршувањето зависи од желбите и од афинитетите на секој посебно. По три месеци веќе произведував и продавав свој накит и претежно сум ориентирана кон помодерни форми - ни откри таа.

СТО ЧАСА ЗА ЕДНО ПАРЧЕ

Александар Миладиновски е дипломиран инженер по заштита на животната средина, но вели дека само од дипломата не се живее. Почнал да го посетува курсот заради обезбедување егзистенција.

- Тука сум веќе осум месеци и планирам уште да останам. Дарбата ја наследив од дедо ми, кој цртал на камен, па сакав и јас да имам свој занает. Учам и овде и на Интернет, добивам идеи, планирам да отворам и свој веб-сајт, а се рекламирам и на Фејсбук. Обично се потребни 100 часа за изработка на едно парче. Јас работам со цел накитот да биде идеален, без грешки, а не набрзина изработен. Веќе добивам нарачки, а последната е брош во вид на скорпија. Го правам според фотографија. Прво ја стилизирам, ја задржувам формата, но внесувам и нешто свое. Уживам буквално во секој дел од работата и секое парче накит го правам како за своја душа. Секој производ е уникатен и не е можно да се направат два исти - вели Александар.

Иако има три големи деца и работно искуство како правник, Маја Николовска моментално е невработена и овде најде поле да ја изрази својата креативност. Таа веќе ја помина првата шестмесечна обука, но доаѓа на доусовршување.

- Секогаш сум била креативна и за релативно кратко време ја совладав техниката и веќе правам убави парчиња накит. Но курсот не е само работа, има и убаво дружење. Секој на секого му помага во работата, како едно семејство сме. Се договараме за сé со децата од мојата група - вели Маја.

Кристина Механџиска е дипломиран ликовен уметник, на отсекот графика - педагошка насока. И таа е од претходната група. За неа сите велат дека има најдобар фат, големо трпение и дарба.

- По завршувањето на академијата сакав да учам графички дизајн, но сепак го одбрав филигранот и не се каам. Едно големо богатство е да се знае некој занает, постојано да учиш, да се надградуваш. И на академија правев накит, ама од глина, како и креации со монистра. Не очекував дека среброто толку брзо ќе го совладам. Работата ја сакам бидејќи многу смирува, а истовремено инспирира и поттикнува творечки дух кај сите - ни рече Кристина.

Во Домот на занаетчиите во Старата чаршија, наскоро, освен курс за филигран, ќе се учат и изработки на други ракотворби, карактеристични за
нашето поднебје.

Сребрени украси од тенки нишки

Името филигранство потекнува од латинскиот збор филлум што значи златна или сребрена жица или нишка и гранум што значи зрно. Се работи со различни дебелини на жица, различно третирани, при што се добива производ што е многу деликатен и нежен. Филигранството кај нас како техника е донесено во византиско време, а под османлиската доминација се развива како занает.
За да се добие парче сребрен накит, најпрво треба да се стопи среброто на две машини, а потоа се става во прачки долги 20-30 сантиметри и од нив се влечат жици, дебели 0,80 милиметри. Потоа парчето се шестува, се обликува и се полни со ситни елементи: осумка, зог, полузог, ќорче, кое е дебело 0,25 милиметри.
Освен сребро, може да се додаде и злато, но тоа е многу покруто и начинот на изработка на накит од овој материјал се учи во рамките на дополнителните техники.




Назад Испрати на пријател Печати